Претходна статија
За една година ќе биде завршен мултимодалниот терминал во Скопје
Следна статија
Обновена фасадата на Куќата на Бектешовци во Прилеп

Општина Штип го раскина договорот за уредување на Отиња

Објавено на 16.05.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Поради незадоволство од динамиката на изведба на проектот, градоначалникот на Штип Илчо Захариев го раскина договорот со бугарската фирма „Кибилд“ за реконструкција на речното корито и изградба на платформи на реката Отиња. На градилиштето подолг временски период не се одвиваат градежни активности, а изведувачот на работите пред два месеци ги повлекол машините. Изградбата на платформите ќе се реализира во претстојниот период, но претходно општинските служби и инженерите ќе треба да подготват нов проект. Уредувањето на коритото е планирано да продолжи за еден месец, со обезбедени градежни материјали и со сопствена работна сила на општината. Започнатите две паркинг платформи ќе се реализираат, но преостанатите три нема воопшто да се градат.

 

Штипскиот градоначалник во изјава за медиумите истакнува дека бугарската компанија „Кибилд“ нема доволно финансиски средства за довршување на проектот. „Дознавме дека изведувачот два пати позајмувал пари, прво 20.000 евра а потоа уште 10.000 евра од други субјекти, па дури и ангажирал подизведувачи од Македонија“, вели градоначалникот Захариев. Општина Штип ќе го покрие долгот кон Светска банка во износ од 140.000 евра, но истовремено тој најави дека локалната власт нема услови за преземање обврски за нов кредит. Уредувањето на речното корито во централното подрачје на Штип треба да заврши до декември годинава. Општината зеде кредит од 2 милиони евра, со рок на отплата од 10 години и 3 години грејс период. Градскиот плоштад „Слобода“ преку овој заем доби нов лик, а со финансиски средства во висина од 1,6 милиони евра требаше да се реализираат и пет паркинг платформи над реката Отиња.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект