Градежната компанија „Гранит“ од Скопје оствари раст на добивката за 2,7 пати во првите три месеци од 2013 година, во споредба со истиот период лани. Нето – добивката пред оданочување изнесува 22.059.000 денари или околу 360.000 евра. Лидерот во градежниот сектор во земјава во првиот квартал од годинава забележа оперативни приходи од 1.002.460.000 денари или над 16,2 милиони евра, што претставува зголемување од 91% во споредба со претходната година, кога оперативниот приход изнесувал 524.204.000 денари. Компанијата има остварено оперативни расходи во износ од 980.724.000 денари и тие се зголемени за 68% во однос на првиот квартал од 2012 година. Оперативната добивка на „Гранит“ изнесува 21.736.000 денари и истата е резултат на поволните временски услови, кои овозможија навремено извршување на градежните работи и следење на динамичните планови за работа. Податоците од Македонската берза говорат дека нето – добивката на „Гранит“ во текот на 2012 година изнесувала 5,2 милиони евра.