Реконструкцијата на пругата од Куманово до Бељаковце сè уште не е започната. Иако ветувањето беше дека во текот на првиот квартал од 2013 година ќе стартуваат изведбените активности на овој проект, на терен нема никаква активност за реализација на првата фаза од изградбата на железничкиот Коридор 8. Досега не е соопштено ниту името на градежната компанија што треба да ја изведува рехабилитацијата, а не се знае ниту кога градежната оператива ќе ги започне планираните работи. Координирањето на проектот е во рацете на Министерството за транспорт и врски и Македонски железници – Инфраструктура. Иако во изминатиов период требаше да заврши целокупната процедура, на интернет – страницата на јавното претпријатие единствено е објавена поканата за претквалификација на кандидати кои се заинтересирани да ги реализираат градежните активности на проектот. Рехабилитацијата на пругата во должина од 30,8 километри треба да заврши најдоцна до 2017 година.
За остварување на овој зафат, Македонија во август 2012 година потпиша договор за заем со Европската банка за обнова и развој во висина од 46,4 милиони евра. Како дел од предвидените активности е и замената на постоечките прагови и шини, како и санирање на мостовите. По оваа железничка делница редовно сообраќаа патнички возови до 1994 година, пред да започне проектот за изградба на Коридорот 8. Градежните работи за реализација на железничкото поврзување со Бугарија беа целосно прекинати во 2004 година. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески неодамна изјави дека до 2021 година треба целосно да се реализира железничката инфраструктура од овој паневропски коридор.