Претходна статија
Нема да можат да се градат нови објекти без елаборат за енергетска ефикасност и енергетски пасош
Следна статија
До 2016 Скопје ќе добие хотел од ланецот „Хилтон“

ТЕМА: Европа се враќа на колективниот јавен превоз, Македонија се качува во такси

Објавено на 12.05.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Економската криза и сиромаштијата не се доволно важни фактори за македонскиот граѓанин да се насочи кон употреба на поевтиниот јавен превоз со автобус и со воз. Во периодот кога граѓаните од европскиот континент во големо мнозинство му се враќаат на колективниот јавен превоз во урбаните и руралните средини и при посета на друг град се одлучуваат за патување со воз, авион или автобус, во Македонија веќе трета година по ред најбрз раст достигнува користењето на такси превозот. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2012 година со овој вид транспорт се превезени 40.413.000 патници со 2.494 патнички автомобили. Во градскиот превоз со такси се транспортирани 38.257.000 лица, додека можноста за патување со такси помеѓу градови ја искористиле 2.156.000 индивидуи. Во 2012 година е забележан огромен пораст кај овој вид превоз за преку 11 милиони патници, што е најголем раст во споредба со статистичкиот преглед за кој било друг јавен превоз во земјава.

 

 

 

 

Ваквите поразителни резултати доаѓаат по огромниот проект на македонската влада за купување на нови автобуси за градскиот превоз во Скопје, по воведувањето на јавен автобуски превоз во Куманово, но и по поскапувањето на цената на такси превозот во неколку македонски градови. Проектите за обнова и проширување на колективниот транспорт се очекуваше дека позначително ќе ја променат состојбата, но се покажа дека граѓаните своите негативни навики тешко ги искоренуваат. Статистичките извештаи покажуваат дека со градско – приградскиот превоз во текот на 2012 година биле превезени 69.731.000 патници, што е за само 2 милиони патници повеќе во споредба со претходните 12 месеци. Своевиден европски парадокс е и споредбата на употребата на возот и на таксито како средство за патување помеѓу македонските градови. Со железница во земјава во минатата година биле транспортирани 1.013.000 патници или двојно помалку од такси превозот. Доколку се направи споредба во делот на меѓуградскиот сообраќај, тогаш ќе се забележи дека автобускиот превоз е за седум пати покористен од таксистите.

 

Покрај зголемувањето на бројот на патници, во текот на 2012 година се зголемил и возниот парк на такси компаниите за речиси 290 автомобили во споредба со минатата година, односно истиот нараснал на вкупно 2.494 патнички возила. Со истражувањето на Државниот завод за статистика се опфатени 114 извештајни единици преку кои се собираат податоците на годишно ниво. Сепак, она што останува непознато е бројот на превезени патници со дивите таксисти, кои редовно и во голема мерка се употребуваат од македонските граѓани во урбаните средини, но и помеѓу градовите кои се наоѓаат на помало растојание. Информациите од терен покажуваат дека значаен дел превозот помеѓу главниот град, Куманово, Тетово и Велес, како и помеѓу Прилеп и Битола, Охрид и Струга и помеѓу други градови го остваруваат нелегалните таксисти.

 

Штетните последици од ваквиот непромислен развој на јавниот превоз во Македонија се неколкукратни. Загадувањето на животната средина преку емисијата на издувни гасови претставува најзагрижувачкиот исход од редовното користење на такси превозот. Овој вид транспорт влијае и на постоечкиот сообраќаен метеж во градовите, чиј неодминлив декор се токму овие возила. Конечно, индивидуалниот начин на транспорт со патнички возила влијае и врз буџетот на македонските граѓани бидејќи за ползување на услугите на таксистите треба да се одвојат значително повеќе финансиски средства од автобускиот билет или картата за патување со воз. Во речиси сите европски метрополи користењето на овој вид превоз се дестимулира од страна на локалните власти преку изготвување на тарифници со значително повисоки цени за оваа услуга.

 

 

Бојан Блажевски