Претходна статија
Македонските градежници се враќаат на странските пазари, Индија како најголем предизвик
Следна статија
Започна поставувањето на новите автобуски постојки во Скопје

ХЕ „Бошков мост“ ќе почне да се гради на крајот од годинава или на почетокот од 2014 година

Објавено на 10.05.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

ХЕ Бошков мостТечат подготовките за реализација на хидроелектраната „Бошков мост“ во Националниот парк Маврово. Според директорот на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) Дејан Бошковски, од неколку компании се доставени финансиски понуди за главната електромашинска опрема, а во тек е и постапката за подготовка на тендерската документација за прибирање понуди за двата лота за изведување на градежните работи. Изборот на најповолен понудувач и потпишувањето на договорите за изградба на хидроелектраната треба да се реализираат до крајот на третиот квартал од годинава, по што на крајот од 2013 година или пак на почетокот од 2014 година треба да стартува реализацијата на овој енергетски објект. Изведбата на ХЕ „Бошков мост“ е планирано да заврши во 2016 година. Покрај за оваа хидроелектрана, во претстојниот месец ќе се знае судбината на проектот „Луково поле“, за кој во завршна фаза е изработката на физибилити и на еколошка студија.

 

ЕЛЕМ планира да ја започне и втората фаза од ревитализацијата на постоечките хидроелектрани во земјава. Со инвестиција во висина од 38,3 милиони евра ќе се замени постоечката хидромеханичка, машинска и електро опрема, ќе се интервенира во градежниот дел на хидроелектраните и ќе се инсталира дополнителна опрема за автоматизација на процесот на производство на енергија и за набљудување на стабилноста и сигурноста на браните кај хидроелектраните Вруток, Равен, Врбен, Шпиље, Глобочица и Тиквеш. Проектот се реализира преку заем од германската КфВ банка во висина од 27,1 милиони евра и од сопствени средства на компанијата во износ од 11,2 милиони евра. Со ревитализацијата на овие енергетски објекти ќе се продолжи животниот век на електраните и на нивните придружни објекти, ќе се зголеми сигурноста, доверливоста и инсталираната моќност за 18,1 мегавати, а со тоа на годишно ниво ќе се зголеми производството на електричната енергија за 50 гигават часови.