Македонија наскоро треба да започне да ја применува законската регулатива за задолжително имплементирање на мерките за заштеда на енергија во новоизградените објекти и во сите постоечки зданија на јавните институции. Без изготвен елаборат за енергетска ефикасност во иднина локалните самоуправи нема да смеат да издаваат одобренија за градење, додека без енергетски пасош на објектот нема да може да се добие употребна дозвола за објектот. Европската регулатива, искуството од нејзиното воведување во Србија и моменталната ситуација во Македонија беа точките на кои вчера се дискутираше на првата Кнауф Академија, која се одржа на Градежниот факултет. Универзитетската професорка Тодорка Самарџиоска од Градежниот факултет напомена дека повеќе од половина од објектите во земјава опстојуваат без соодветна топлинска изолација.
И покрај тоа што Македонија заостанува зад европските земји на ова поле, сепак во изминативе десетина години се прават напори спроведување на мерките за енергетска ефикасност при реконструкцијата на старите и при изградба на нови згради. На ниво на Европската унија постојат неколку директиви за заштеда на енергија, но најважниот документ кој ќе има суштинско влијание врз идната состојба во Македонија е Директивата за енергетска ефикасност на згради од 2010 година. Правилниците кои произлегуваат од овие документи сè уште не се стапени на сила во земјава, но во државите од соседство тие веќе функционираат. Горан Пролиќ од српската компанија Кнауф Инсулејшн (Knauf Insulation) истакна дека во Србија веќе се влезени во сила елаборатите за енергетска ефикасност, додека од октомври 2012 година секој новоизграден објект мора да има и енергетски пасош пред да биде пуштен во употреба. Во Македонија единствено општина Карпош досега се одлучи оваа европска регулатива да ја примени во процесот на издавање одобренија за градење на објектите.
Со одржувањето на вчерашниот настан започна реализацијата на проектот Кнауф Академија. Во претстојните месеци од годинава ќе се организираат уште две стручни предавања на кои ќе се говори за актуелни прашања од областа на градежништвото. Вчерашната манифестација беше во организација на македонското претставништво на Кнауф, во соработка со Градежниот факултет од Скопје и Комората на овластени архиекти и инженери на Македонија.