За најмногу една година жителите на општина Аеродром ќе добијат ново катче за прошетка, одмор и рекреација. Локалната самоуправа потпиша договор за обнова и доизградба на пешачката улица „Тоше Проески“. Улицата наскоро ќе се продолжи кон населбата Јане Сандански и истата ќе се состои од два крака, првиот со должина од 552 метри, додека вториот со должина од 252 метри. Патеката ќе биде со ширина од седум метри и планирано да се поплочи со гранични плочки, да се постави јавно осветлување и урбана опрема. За изведувач на градежните работи е избран „Транс Мет“ од Скопје, а Општината за остварување на проектот ќе потроши 41.157.010 денари или околу 670 илјади евра.
Изведувачот е должен да ја изгради пешачката патека најдоцна до април 2014 година, додека локалните власти претходно напоменаа дека зафатот би требало да се заврши во период од неколку месеци. Пред три години на дотогаш виканата „детска улица“ во населбата Ново Лисиче беше изградена меморијалната фонтана во чест на Тоше Проески. Како автор на целокупниот проект во спомен на познатиот македонски музичар фигурира архитектот Филип Богатинов.