Претходна статија
Поставен камен темелник на спортска сала за УКИМ
Следна статија
Ќе се ревитализираат ладилните кули во ТЕ „Битола“

Во проектот „Скопје 2014“ досега се потрошени 208 милиони евра

Објавено на 22.04.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Наместо првично најавената сума од 80 милиони евра во 2010 година, од државниот буџет и од буџетот на општина Центар за проектот „Скопје 2014“ досега се потрошени 208 милиони евра. Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ денеска во седиштето на владата даваа отчет за потрошените финансиски средства за сите изградени објекти и споменици во центарот на македонската метропола. Министерството за култура највисока сума издвоило за реализацијата на Стариот театар, за кој се потрошени 36.846.520 евра. Оваа сума би можело да порасне, во зависност од потребите за довршување на одредени сегменти од зданието.

 

Ова министерство се јавува и како инвеститор во Музејот на ВМРО, за којшто се потрошени 13.346.000 евра, идната сала на Македонска филхармонија, за која до денес се издвоени 7.410.000 евра, Портата Македонија, во која се инвестирани 5.190.000 евра, недовршениот Археолошки музеј, во кој се вложени 8.174.000 евра, но и во 35 скулптури и трите врби во реката Вардар кои чинеле вкупно 1.155.000 евра. Градоначалникот на општина Центар на прес – конференцијата изјави дека не е фрапантна одвоената сума за проектот „Скопје 2014“ и дека за оваа цел од 2008 до 2013 година се алоцирале околу 1,5% од државниот буџет.

 

#Општина Центар од Владата добила финансиски средства во висина од 55.418.000 евра коишто се насочени кон изградба на споменици и скулптури. Воинот на коњ на централниот плоштад е изграден за сума од 10,5 милиони евра, од кои 649 илјади евра биле наменети за хонорар на авторката Валентина Стевановска. Третиот субјект што учествува во реализацијата на проектот „Скопје 2014“ е Службата за општи и заеднички работи на владата. Овој владин орган има издвоено 27 милиони евра за заедничката зграда на Уставниот суд, на Археолошкиот музеј и на Државниот архив. Ова здание е во финална фаза од неговата изведба. Новото седиште на Министерството за надворешни работи чинело 19.251.000 евра, додека во објектот на Јавното обвинителство и Финансиската полиција се вложени околу 14 милиони евра. Идната реконструкција на владиниот објект ќе чини 9.290.000 евра, за кој пред три дена е потпишан договор со изведувачот.

 

„За мене беше голема гордост да учествувам во изградбата на општина Центар во изминатиов период и градежната офанзива која по втор пат се случуваше во градот“, изјави досегашниот градоначалник на општината Владимир Тодоровиќ. Новиот „татко“ на централната скопска општина Андреј Жерновски на денешната прес – конференција најави дека ќе изврши темелна ревизија на учеството на локалната самоуправа во проектот „Скопје 2014“ и дека ќе се преиспита урбанистичкиот план за центарот на Скопје. Тој ја посети локацијата на која треба да се гради административна зграда за „Електрани на Македонија“, која од денеска е заградена и се почнати подготвителните активности за изградбата на новиот објект.