После пет неуспешни тендери за набавка на детска вртелешка за центарот на Скопје, шестиот конечно резултираше со нејзино поставување во близина на Камениот мост и мостот „Око“, иако првично беше најавувана локација во близина на идната катна гаража кај МЕПСО. Вртелешката е монтирана на специјална кружна бетонска платформа и како реквизити има коњчиња, ротирачки чаши и кочии, со вкупен капацитет за 31 лице. Проектот тежок 163 илјади евра го спроведе Градот Скопје преку јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Вртелешката е изработена од италијанска фирма, а набавката и монтажата како најповолен понудувач на последниот тендер ја реализира „Техометал Вардар“.