Македонските граѓани плаќаат патарина на автопатската делница помеѓу Скопје и Куманово за да возат по дупки и огромни бразди на коловозот коишто се опасни за одвивање на сообраќајот. Овој сегмент од патниот Коридор 10 не е реконструиран неколку децении наназад и на истиот му е потребна итна санација. Јавното претпријатие за државни патишта денеска објави оглас за изработка на проектна документација за рехабилитација на две коловозни ленти на делницата Миладиновци – Куманово. Во наредните 12 месеци ќе се комплетираат документите за остварување на овој зафат, по што ќе се пристапи кон обнова на дотраениот асфалт. Рокот за доставување на понуди истекува на 31 мај.
Македонската влада неодамна најави дека во наредните неколку години ќе се пристапи кон реконструкција на целокупната траса на автопатот од Табановце до Гевгелија. Обновата на коловозот во правецот од Катланово до Велес заврши пред четири месеци, а следна за обнова е истата делница во спротивен правец. Автопатската врска помеѓу Скопје и Куманово е една од најфрекфентните македонски патишта. Податоците на Јавното претпријатие за државни патишта покажуваат дека просечниот годишен дневен сообраќај за 2011 година на оваа делница изнесувал 8.132 возила.