Претходна статија
Изработката на проектот за магистралниот пат Охрид - Свети Наум влегува во втора фаза
Следна статија
Се подготвува санација на автопатската врска меѓу Скопје и Куманово

Јавниот градски превоз во Охрид укинат после неколкунеделно функционирање

Објавено на 11.04.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Двете градски линии од јавниот автобуски превоз во Охрид функционираа само неколку недели. Локални медиуми од градот денеска објавија дека општинскиот сообраќаен инспекторат пред два дена им ги одзел дозволите за вршење на оваа дејност на претпријатијата „Галеб“ и „Димакс Експрес“. На тој начин, автобусите повеќе не сообраќаат на кружните линии кои ги спојуваа населбата „Гоце Делчев“ и другите оддалечени делови од градот со централното подрачје, но и центарот на Охрид со меѓуградската автобуска станица. Причина за укинување на јавниот превоз се увидените неправилности во издадените писмени дозволи од страна на претходното раководство на општина Охрид.

 

Локалната самоуправа од Охрид во изминатите неколку месеци работеше на обележување на автобуските стојалишта и на поставување табли со возни редови низ градот. Јавниот превоз за пензионерите и за посебните групи граѓани беше бесплатен, додека цената на билетот за останатите граѓани изнесуваше 20 денари. Од општина Охрид засега не излегуваат со информации дали ќе се иницира нова постапка за воведување на организиран автобуски превоз во урбаните средини. Јавен автобуски превоз во моментов функционира единствено во три македонски градови: Скопје, Битола и Куманово.