Јавното претпријатие за државни патишта денеска распиша дополнителен оглас за изработка на проектна документација за изградба на делницата Пештани – граница со Р. Албанија, како втора фаза од подготовката на документацијата за магистралниот пат А3. Скопското друштво за консалтинг и инженеринг „Чакар Партнерс“ веќе седум месеци работи на подготовката на основниот проект за делницата од охридското село Косел до Пештани, за што од државниот буџет беа издвоени околу 1,3 милиони евра. Заинтересираните компании за учество на јавниот оглас треба да ги достават своите понуди до 29 мај. По изборот на најповолен понудувач, рокот за изработка на целокупната документација е 18 месеци. Поради долгиот период на изработка на проектите, речиси е сигурно дека почетокот на изградбата на овој пат ќе остане за реализацијата во наредните години.
* Постоечкиот пат Охрид – Св.Наум се наоѓа во лоша кондиција
Идниот магистрален пат од Охрид кон Свети Наум ќе биде долг 39 километри, зацртано е да има две коловозни ленти со широчина од по 3,75 метри, при што минималната инвестиција во овој сложен проект би изнесувала 70 милиони евра. Патот ќе почнува од селото Косел, ќе минува по падините на планината Галичица над постоечкиот пат Р1301 и со него ќе се воспостави патна врска кај селото Пештани. Ако се суди според програмата за работа на македонската влада, новиот современ пат ќе биде готов најдоцна до 2019 година. Постоечкиот пат кон албанската граница минува долж крајбрежјето на Охридското езеро и истиот е изграден пред речиси 45 години.