Јавното претпријатие за државни патишта во изминативе неколку недели потпиша четири договори за реконструкција и изградба на некои сегменти од патната инфраструктура во земјава. Градежната компанија „Гранит“ од Скопје доби нови изведбени проекти, во вкупна вредност од 219.002.776 денари или над 3,5 милиони евра. Најобемен е зафатот за рехабилитација и подобрување на општинските патишта во скопскиот и полошкиот регион во наредните 18 месеци, за чија реализација се издвоени 111.682.837 денари. Локалната патна инфраструктура со државни средства ќе се реконструира и во вардарскиот и југоисточниот регион, за што е планирано да се издвојат 72.809.274 денари.
Претпријатието кое раководи со македонските државни патишта исто така склучи договор со скопската компанија за изградба на надпатник долж трасата на државниот пат А1 кон Грција во вредност од 24.745.089 денари, а градежната оператива на „Гранит“ ќе ја и врши санацијата на свлечиштето на патната делница Градско – Прилеп, кај месноста Фариш. Во согласност со неконсолидираниот и неревидиран финансиски извештај, „Гранит“ лани остварил нето добивка од околу 5,3 милиони евра.