Локалните избори го продолжија рокот за доставување на понуди од приватните компании за изградба на трамвајот во Скопје. Иако првичниот рок истече вчера, градските власти им овозможија на заинтересираните субјекти да ја достават документацијата најдоцна до 24 април. И покрај специфичната постапка за воспоставување јавно – приватно партнерство за овој проект, досега во медиумите ниту една домашна или странска компанија не излезе јавно да изрази подготвеност за вклучување во него. Идниот концесионер би бил задолжен да ја проектира трамвајската линија број 1, да изработи оценка за влијанието врз животната средина, да ја изгради линијата во должина од 12,1 километар, заедно со пропратната инфраструктура и да набави најмалку 22 трамвајски возила за одржување на јавниот превоз.
Доколку постои компанија која што е заинтересирана да инвестира преку 240 милиони евра во проектот, таа за возврат ќе може да стопанисува со системот во период од 35 години. Во согласност со изработената физибилити студија, трамвајската линија број 1 ќе ги поврзува населбите Ново Лисиче и Ѓорче Петров, минувајќи по булеварот Јане Сандански, централното градско подрачје и булеварот Партизански одреди. Тендерот за доделување концесија за остварување на крупниот проект беше објавен од Град Скопје на почетокот од декември минатата година.