Договорот за реализација на магистралниот гасовод од Клечовце до Кавадарци сè уште не е потпишан со руската страна, а ветувањето за почеток на градежните работи во првиот квартал од 2013 година не се остварија. Проектот за гасификација ќе доцни неколку месеци, при што последните информации објавени во дел од медиумите говорат дека изведбата на гасоводниот крак кон Кавадарци, кој треба да обезбеди снабдување со гас и за неготинската термоелектрана, најверојатно започне во мај. Во завршна фаза е усогласувањето на деталите од договорот со руската компанија „Стројтрансгас“, која треба да ги реализира неопходните активности на терен. Досегашната финансиска конструкција изнесуваше 75 милиони долари, од кои 60 милиони долари се обезбедени од рускиот клириншки долг кон земјава, додека преостанатите средства ќе се повлечат од државниот буџет.
Експропријацијата на приватното земјиште долж целата траса веќе е завршена. Македонски енергетски ресурси (МЕР) ќе биде носител на изградбата на новите преносни средства од македонска страна. Магистралниот гасовод во должина од околу 100 километри ќе се изведе како крак од постоечкиот гасовод кај кумановското село Клечовце. Директорот на МЕР, Крсте Миладинов неодамна во интервју за „Утрински весник“ ја најави изградбата на останатите магистрални правци од гасоводната мрежа за 2014 година. Државата планира нив да ги финансира преку кредит од Европската банка за обнова и развој и од други извори на финансирање.