Министерството за култура размислува новиот објект на Драмски театар да го гради во партнерство со приватен инвеститор. Распишан е јавен оглас за избор на консултантска куќа која што ќе изработи физибилити студија за оправданоста за доделување на договор за јавно – приватно партнерство и ќе посредува во реализацијата на процесот за воспоставување на јавно – приватно партнерство за овој проект. Целокупната документација за зданието веќе е изработена, така што по завршувањето на физибилити студијата, најдоцна до август годинава треба да се знае дали ќе се избира приватен партнер или пак државата самостојно ќе го гради објектот.
Основниот проект за објектот Драмски театар го изработи „Монтимпекс – Инженеринг“ од Скопје, додека на почетокот од годинава беше направена и ревизија на проектната документација од страна на Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии. Архитектонското решение за идното седиште на оваа театарска куќа го потпишаа авторите Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска. Тие победија на распишаниот конкурс пред повеќе од четири години. Во согласност со програмата за работа на македонската влада, изградбата на новиот театар на местото на постоечката зграда на Драмски театар треба да заврши најдоцна до 2015 година.