Преку спроведување на проектот за индустриски менаџмент, УСАИД ќе се обиде да влијае врз намалувањето на потрошувачката на енергија од страна на индустриските капацитети во Македонија. Во наредните две години ќе им се помогне на македонските компании во намалувањето на потрошувачката и трошоците за енергија, со што ќе се овозможи да дојде и до намалување на емисијата на стакленички гасови во атмосферата. Со проектот ќе им се даде конкретна помош на дел од компаниите преку воведување системи за управување и надгледување на енергијата, преку обука на кадри со барањата на ИСО стандардот за систем за управување со енергија, изработката на енергетски контроли, проектна документација и реализација на проекти за зголемување на енергетската ефикасност во индустриските објекти.
Како дел од активностите од овој проект, ќе се спроведе и обука на две домашни инженеринг фирми со цел практично имплементирање на системите за управување со енергија во компаниите. Финансиската конструкција на овој проект изнесува 1,3 милиони долари. Сите мерки за подобрување на енергетската ефикасност во индустрискиот сектор се остваруваат врз основа на директивата донесена од Европскиот парламент во 2012 година.