Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска постави камен – темелник за изградба на инфраструктурата во индустриската зона „Прилеп 1“. На терен започнаа и активностите за подигање на првата фабрика на печатницата „Провиста“. Локалната самоуправа од Прилеп во претстојниот период ќе ја гради атмосферската, фекалната и водоводната канализацијата. За разлика од останатите индустриски зони во земјава, прилепската зона „Металец“ може да се пофали со речиси целосна пополнетост на предвидените парцели за изградба на погони. Општината досега успеа да продаде 21 локација, со вкупна површина од 50.000 метри квадратни. Предвидено е приватните инвеститори да градат капацитети од прехранбената, графичката и индустријата за минерални суровини. Проценките се дека во идните фабрики ќе се вработат околу 2.000 лица.
Печатницата „Провиста“ во индустриската зона ја стартуваше изградбата на својот погон на површина од 1.800 метри квадратни, во кој ќе се вработат 20 лица. Од општина Прилеп најавуваат дека наскоро на заинтересираните компании ќе им се понудат уште две индустриски зони во градот. Едната ќе биде лоцирана спроти Жито Прилеп, додека втората зона, која е планирана на државно земјиште, ќе се гради кај Сточното пазариште. Во месноста Алдинци, неодамна започна изградбата и на технолошко – индустриската зона „Прилеп“, простор наменет за привлекување на директни странски инвестиции.