Јавното претпријатие за државни патишта склучи договор со компанијата „Гранит“ од Скопје за изградба на регионалниот пат Р2138 до идната елитна населба Сончев град. Новиот пат со две коловозни ленти со ширина од по три метри ќе се гради од врската со постоечкиот пат Кисела Вода – Сопиште – Говрлево до просторот каде што е предвидено да се гради новата населба. За извршување на градежните активности од државниот буџет се обезбедени 412.308.315 денари или околу 6,7 милиони евра. Градежната оператива треба да ги заврши изведбените активности на терен во наредните 18 месеци, поточно најдоцна до септември 2014 година.
Во меѓувреме, турската компанија „Џеваир холдинг“ се подготвува за реализација на огромната елитна населба на јужниот дел од падините на Водно. Во декември минатата година тие ја купија локацијата со површина 83,56 хектари за речиси 1,8 милиони евра. Новиот мал град во близина на Скопје ќе се изведува во неколку фази, при што инвеститорот е должен во првата етапа да реализира барем 10% од целокупната површина наменета за градење.