Општина Битола ја започна реализацијата на новиот мост во вид на кружен тек на реката Драгор. Овој инфраструктурен објект се гради кај месноста „Црн Мост“ и тој треба во иднина да го прими целиот сообраќај од постоечкиот стар и небезбеден мост. Проектната документација предвидува кружниот тек да се издигне на 37 носачи. За изградбата се издвоени 36 милиони денари од локалниот буџет, а рокот за завршување на градежните активности истекува на 1 септември. За изведувач на овој проект е избрана компанијата „Стентон градба“ од Битола.
Постоечкиот мост на реката Драгор е небезбеден за понатамошно одвивање на сообраќајот. Откога ќе се заврши со реализацијата на новото сообраќајно решение, стариот мост ќе биде пренаменет во пешачки. Во Битола веќе неколку децении наназад не е изграден ниту еден нов мост, иако потребата за вакви зафати се очигледни. Локалната самоуправа од градот најавува дека во наредниот период ќе пристапи и кон реконструкција на уште шест мостови, кои подолг период се оставени на забот на времето.