Општина Аеродром наскоро ќе добие нова зелена површина. Денеска стартуваа градежните работи за изградба на паркот „Бановина“ во населбата Горно Лисиче. Проектот е предвидено да се реализира на површина од 6.500 метри квадратни и ќе се состои од зеленило со површина од околу 2.300 метри квадратни, езеро од 550 метри квадратни на две нивоа со пешачки мост и видиковец, додека за најмладите посетители на паркот е планирано да се направи детско игралиште.
Во рамките на уредениот простор ќе се изведат пешачки патеки, осветлување, жардиниери, летниковец, клупи, канти за отпадоци и чешми, а локалната самоуправа планира идниот парк да го огради и со тоа да го заштити од несовесните граѓани.
За изведувач на градежните работи е избрана компанијата „Урбан инвест“ од Кавадарци. Висината на финансиските средства кои ќе се вложат во проектот изнесува 34.522.080 денари или околу 560 илјади евра. Времетраењето на потпишаниот договор за изградба на паркот „Бановина“ изнесува 12 месеци.