Општините Кичево, Зајас и Осломеј би можеле да добијат централно греење од термоелектраната „Осломеј“. Центарот за развој на Југозападниот плански регион и Бирото за регионален развој подготвија тендерска документација за избор на консултант што ќе ја изработи физибилити студијата, јави економскиот интернет – портал „Фактор.мк“. Клучен критериум при изборот на најповолен понудувач ќе биде најниската понудена цена. Студијатата треба да понуди можности, решенија и варијанти за изведба на системот за централно греење, од можностите кои во моментов ги нуди капацитетот на термоелектраната, преку изведбата на трасата на вреловодот како систем за транспорт на топлинска енергија до определувањето на исплатливоста на ваквата замисла во трите општини.
Далечинското греење се очекува да овозможи пониски цени за топлинската енергија, посигурно снабдување, подобрени здравствени услови и зголемување на комфорот на граѓаните. Центарот за развој на Југозападниот плански регион предвидува дека за спроведување на целокупната постапка, од изготвувањето на тендерската документација до изработката на физибилити студијата од консултантската куќа, е неопходен период од 12 месеци, така што натамошната фаза од реализацијата на проектот би требало да продолжи во 2014 година.
Сопствен проект за обезбедување на нов енергенс и зголемување на моќноста за производство на електрична енергија имаат и од Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Иако од државната компанија признаваат дека идејата во моментов е неизводлива, сепак идните планови се РЕК „Осломеј“ да се претвори во комбинирана гасна електрана со вкупна инсталирана моќност од 375 мегавати, преку инсталирање на нова гасна турбина со моќност од 250 мегавати и генератор. Клучни два предуслова за реализација на овој проект се изведбата на магистралниот гасоводен крак кон Гостивар и намалувањето на постоечките цени на природниот гас.