Граѓаните на општина Центар кои што ги користат услугите за паркирање во централното градско подрачје во иднина ќе немаат проблеми со хаотичното управување на паркинзите од претпријатијата „Градски паркинг“ и „Паркинзи на општина Центар“. Со денеска потпишаниот меморандум за соработка помеѓу Градот Скопје и Општина Центар, се решаваат недоразбирањата поврзани со зоните за паркирање под надлежност на двете јавни претпријатија и дилемата кон кого треба да бидат регулирани обврските за наплата. Автомобилите ќе можат да се паркираат на сите паркинзи што се под управување на двата субјекти.
* Градот Скопје и Општина Центар ветуваат дека спорот за управување со паркинзите е надминат
Соработката помеѓу локалните власти засега се однесува единствено за жителите на општина Центар, но не и за сите останати граѓани кои ги користат градските паркиралишта. Спорот околу управувањето на овој вид јавни површини помеѓу „Градски паркинг“ и „Паркинзи на општина Центар“ траеше неколку месеци и најизразен беше на територијата на Дебар маало, каде во одредени моменти свои табли за наплата на услугите поставија и двете претпријатија. Збунетоста на граѓаните беше поголема и поради фактот што се нудеа различни услови за користење кои требаше да се почитуваат при оставањето на автомобилот на јавен паркинг. Најдебелиот крај од таквата состојба тогаш го извлекоа жителите на тамошните улици.