Премиерот Никола Груевски заедно со високи владини претставници и градоначалникот на општина Аеродром денеска ја пуштија во употреба новата детска градинка „Сонце“ во населбата Реонски центар. Образовниот објект во рамките на установата „Буба Мара“ е со површина од 1.670 метри квадратни и истиот беше изграден на парцела со големина од 7.500 метри квадратни. Зданието со приземје и кат може да прими 200 деца од предучилишна возраст, а со неговата изградба треба да се одговори на потребите на постоечките жители во општината, како и на планираниот прираст на население со изградбата на идните станбени згради. Финансиската вредност на проектот изнесува 79,7 милиони денари или 1,3 милиони евра, од кои 72,2 милиони денари се одвоени за реализација на градежните активности, додека останатите средства се насочени кон опремување на градинката.
Според податоците на македонската влада, бројот на детски градинки во земјава изнесува 54, тие се распространети во 43 општини и во нив во моментов се згрижени над 27 илјади деца.