Жителите на општина Кисела Вода ќе почекаат на целосното довршување на булеварот „Борис Трајковски“. Наместо од декември минатата година да се вози по четири коловозни ленти долж целата траса, изведбата на вториот сегмент од поранешната улица „Првомајска“ тапка во место. Во изминативе неколку недели воопшто не се одвиваа градежни активности на терен во насока на реализација на проширувањето на делницата од крстосницата со булевар „Србија“ до поранешната фабрика „Стакларница“. Избраните изведувачи доцнат со довршувањето на реконструкцијата веќе три месеци, а од Град Скопје немаат конкретен датум за финализирање на зафатот. Од одделението за односи со јавност на Град Скопје напоменуваат дека реализацијата на проектот ќе продолжи по завршувањето на локалните избори.
Проширувањето и реконструкцијата на булеварот „Борис Трајковски“ започна на почетокот од март минатата година. На крајот од октомври беше пуштена во употреба делницата на потегот од „Рампа“ до крстосницата со улицата „Народни херои“ во должина од 1.380 метри. Допрва треба да се заврши сегментот до некогашната фабрика „Стакларница“ во должина од 1.126 метри, кој е предвидено да добие по две коловозни ленти во секоја насока, патеки за пешаците и атмосферска канализација. Овој инфраструктурен проект предвидува и проширување на мостот над Усјански канал, како и изведба на потпорен ѕид во должина од 170 метри. Зафатот за реконструкција и проширување на булеварот „Борис Трајковски“ чини четири милиони евра, средства обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој и од буџетот на Град Скопје.
» Форумска дискусија за булеварот Борис Трајковски (Првомајска)