„Проектот за урбан транспорт Скопје – Автоматизирано управување со сообраќај“ веќе трета година е изгубен во лавиринтот од административни процедури на градските власти. Надеж за реализација на замислата што треба да го намали сообраќајниот метеж во метрополата доаѓа по петочното гласање на градските советници за донесување на Одлуката за финансирање на Центарот за управување и контрола на сообраќајот на подрачјето на Град Скопје, кој како оддел веќе е формиран во рамките на јавното претпријатие „Улици и патишта“. Системот треба да постане функционален во текот на годинава. Инвестицијата во овој проект изнесува 2,7 милиони евра, а финансиските средства се обезбедија преку кредит од Европската банка за обнова и развој во октомври 2011 година.
Во рамките на проектот е планирано да се воведе адаптивна контрола на сообраќајот преку поставување на контролери на 85 сообраќајници во градот и на нови сообраќајни знаци. Системот ќе биде поврзан преку оптичка мрежа и со постоечките видео камери на полицијата и семафорите на крстосниците. Центарот за управување и контрола на сообраќајот од една контролна соба ќе може да врши набљудување на нивото на сообраќај на улиците и булеварите во Скопје, да врши брзо семафорско пренасочување на возилата и да го регулира зелениот бран на семафорите. Со проектот се очекува дека ќе се намали времетраењето на патување со автомобил низ метрополата и ќе се ублажи постоечкиот сообраќаен метеж.