Стручната жири – комисија не одбра ниту еден од четирите труда поднесени на последниот конкурс за избор на идејно решение за изградба на петто ниво и промена на постоечката фасада на Градскиот трговски центар (ГТЦ). Според информациите што ги објави денешното издание на весникот „Дневник“, пристигнатите дела не ги исполниле бараните критериуми наведени во огласот, кој беше распишан во декември минатата година. Раководството на ГТЦ планира да публикува нов конкурс за прибирање на трудови од архитектите, но најверојатно дека ќе се почека завршувањето на локалните избори за повторно отпочнување на постапката. Првиот конкурс за промена на постоечкиот изглед на ГТЦ беше распишан во јуни минатата година, тогаш процедурата за избор заврши неуспешно поради тоа што беше пријавен само еден автор.
Директорот на ГТЦ, Аго Абазовски во неколку наврати за дел од македонските медиуми изјави дека е пожелно идниот лик на трговскиот центар да се вклопи во новите објекти од проектот „Скопје 2014“. Покрај неодминливите неоклацизам и барок, со последниот конкурс беше допуштена можноста авторите да изработат архитектонско решение во футуристички стил. ГТЦ е една од најмаркантните градби на македонската архитектура, изграден по земјотресот во Скопје од 1963 година. Објектот е завршен во 1971 година, врз основа на изработеното идејно решение од познатиот архитект Живко Поповски.