Министерството за култура пред една недела склучило нов договор со италијанската компанија „Ламоне Мореда“ за изведување на дополнителни градежни работи на Стариот театар, лоциран покрај реката Вардар во центарот на Скопје. Најновиот договор потпишан на 20 февруари е со времетраење од четири месеци, така што останува нејасно дали објектот целосно ќе се заврши до најавеното официјално пуштање во употреба на 27 март, датум кога се одбележува Светскиот ден на театарот. Фирмата од Италија треба допрва да ги заврши градежните, градежно – занаетчиските, завршните и инсталатерските работи на партерот, заштитата на градежната јама за изведба на машинската сала и проширувањето на техничката врата на северната фасада на зданието.
Во насока на целосно завршување на идното седиште на Македонскиот народен театар, за изведување на овие финални активности од државниот буџет се издвоени дополнителни 93.149.447 денари или над 1,5 милиони евра. Со последниот договор, вкупната инвестиција во Стариот театар достигна речиси 30 милиони евра. Само од почетокот на годинава до денес, Бирото за јавни набавки објави неколку договори во вредност од преку 3,2 милиони евра. Паралелно со склучувањето на овие документи, на градилиштето продолжуваат интензивните градежни активности. Надворешното осветлување на фасадата веќе е поставено и пред неколку дена беше извршено пробно вклучување на еден негов дел од страна на стручни екипи.
Објектот на Македонскиот народен театар ќе има две сали, голема сала со капацитет од 756 седишта и мала сцена со 236 седишта. Идејното архитектонско решение го изработи авторот Јован Стефановски – Жан. Главните градежни активности на карабината на објектот ги изведе компанијата „Бетон“ од Штип. За сегментот на браварските, столарските, фасадерските и каменорезачките работи сеуште е задолжена „Ламоне Мореда“, додека ентериерното уредување го привршува австриската компанија „Штрабаг АГ“. Изградбата на Стариот театар започна на почетокот од 2007 година, а првично вредноста на објектот беше предвидено да изнесува шест милиони евра.