Претходна статија
РЕПОРТАЖА: „Бунарџик“ ја ткае успешната приказна за македонските слободни индустриски зони
Следна статија
Македонија треба посериозно да пристапи кон спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност

Прилеп ќе ја пренаменува постоечката депонија во фабрика за преработка на отпад

Објавено на 25.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Локалните самоуправи во земјава започнаа да повлекуваат конкретни потези во насока на искористување на комуналниот отпад, кој секојдневно се трупа на депониите. Прилеп наскоро ќе добие хала за селекција на комуналниот отпад и фабрички погон за негова преработка. Општината распиша два огласи за изградба на овој индустриски објект, кој е планирано да биде сместен во рамките на постоечката прилепска депонија кај селото Алинци. Времетраењето на изведбата на новиот производствен погон ќе изнесува 12 месеци. Заинтересираните компании за учество на јавниот повик треба да ги достават своите понуди најдоцна до 18 март, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Локалната самоуправа од Прилеп веќе набави опрема за секундарна селекција на отпадот во вредност од 15 милиони денари од хрватската компанија „Техникс“.

 

Со производствената линија ќе се преработуваат околу 150 тони отпад дневно, при што е предвидено да се селектираат околу 20 најразлични материјали, и тоа: пластика од најразлични бои, картон, бела хартија, текстил, стакло, железо, алуминиум и други материјали. Јавното комунално претпријатие ќе го продава селектираниот отпад на приватните компании, со што ќе се остварат плановите за поврат на инвестираните финансиски средства и идна добивка од ваквиот еколошки процес. Суштинската важност на целиот проект произлегува од намерата за елиминирање на постоечкиот отпад од старата градска депонија.

 

Органскиот дел од комуналниот отпад е предвидено да се преработува во фабричкиот погон за производство на арско ѓубриво. Изградбата на компостарата за производство на четири видови на арско ѓубриво би требало да чини околу половина милион евра. Локалната самоуправа од градот веќе го започна проектот за примарна селекција на отпадот. На граѓаните им беа доделени канти за отпадоци, а во населбите се поставија и нови контејнери. Прилеп е една од првите македонски општини која што се одлучи да го отпочне процесот на рециклирање на отпадните материи.