За неколку месеци Скопје ќе добие нови 5.400 метри квадратни современ деловен простор, на атрактивна локација во центарот на градот, во непосредна близина на плоштадот „Македонија“. При крај е изградбата на административно-деловниот објект „Сан Марко“, инвестиција на истоимената фирма во вредност од околу девет милиони евра. Привршува поставувањето на фасадата, а во моментов интензивно се работи во внатрешноста.
„Сан Марко“ е висок 29 метри и има осум надземни нивоа и поткровје, како и две подземни нивоа. Подземниот паркинг простор е со капацитет за 24 возила. Секој надземен кат има океанска канцеларија со големина од 400 метри квадратни и широк панорамски поглед. На поткровјето кое има форма на пресечена купола е предвидена конференциска сала. Зградата е оптимизирана да биде максимално функционална без разлика дали просторот ќе биде купен или закупен, целосно или од повеќе различни субјекти.
Фасадата на елиптичниот дел на објектот е изведена со заоблени стакла со Ug вредност од 1,1 W/m²K и брисолеи од „печено“ стакло. Другиот дел на објектот е покриен со издржлива вентилирана фасада од керамички плочки. Плочките се рапави, а експонираниот дел на релјефот е лакиран, со што ќе се добие несекојдневен визуелен ефект. На овој дел се поставени и огледални стакла кои покрај разиграност на фасадата обезбедуваат и продор на светлина.
„Сан Марко“ почна да се гради во април 2008. Проектот е изработен во Магос Дизајн (сега ГМС), а автор е Ѓорѓи Мојсов, со Оливија Мојсова како консултант и со Виолета Бошковска и Ленче Тошевска како соработници. Главен изведувач е градежното претпријатие „Илинден“, специфичните челични профили за поткровјето ги изработи „Актива“ од Штип, додека за фасадата и ентериерот задолжен е „Торакс“ од Скопје. Надзорот е доверен на „Реминг Инженеринг“.
Форумска дискусија за овој проект –> овде