Огромна дупка, висока ограда и мноштво неостварени најави. Ваквата моментална слика за мега – проектот „Ера Сити“ (Era City) наскоро ќе се промени. После петгодишни ветувања и одложувања, во претстојниот период конечно треба да започне реализацијата на комплексот. Според денешното соопштение од Скопски саем, меѓународната групација „ТриГранит“ заедно со словенечката групација „Ера“ на просторот кај саемските хали [»мапа] ќе гради трговски центар, забавен центар, деловни објекти и хотел. Инвеститорот денеска не објави конкретни податоци за вкупната квадратура на идните објекти и за финансиската конструкција на целиот проект.
Комплексот е планирано да се гради на градежното земјиште со површина од 16 хектари, кое е во сопственост на Скопски саем. Оттаму не излегуваат со информации поврзани со периодот кога би започнала изградбата на овој проект. „Со целокупниот комплекс Скопски саем и новоизградениот „Ера Сити“ сакаме заедно со „ТриГранит“ да ја зајакнеме улогата на водечки понудувач на меѓународни настани и event индустрија во Југоисточна Европа. Со додавање забавни и деловни содржини ќе ги надградиме постоечките дејности и ќе ја искористиме меѓусебната синергија и на тој начин ќе ја зголемиме атрактивноста и уникатноста на целиот комплекс“, напоменува Гвидо Омладич, претседател на управата на групацијата „Ера“.
Изградбата на „Ера Сити“ започна на 1 февруари 2008 година, кога беше поставен камен темелник на деловната зграда со планирана површина од 33.600 метри квадратни. Информациите од словенечките инвеститори беа дека Скопје ќе добие „град во град“ со вкупна површина од 165.000 метри квадратни, во кој ќе бидат инвестирани 150 милиони евра. Во текот на јуни 2012 година во медиумите беа објавени информации дека турската компанија „Турк мол“ е заинтересирана да влезе во реализацијата на проектот, но и ваквата најава не се оствари.