Претходна статија
Во проектот „Ера Сити“ влегува групацијата „ТриГранит“
Следна статија
Ќе се испитува влијанието врз животната средина на „Луково поле“

Од ветувањето за нов објект за театарот и библиотеката во Тетово останаа само рендери

Објавено на 14.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

„Во 2013 година Тетово ќе добие нов современ објект за Градската библиотека и Театарот, чија изградба ќе започне во април 2011 година, со пари од државниот буџет“, изјавија во октомври 2010 година тогашниот вицепремиер Абдулаќим Адеми и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска. По речиси две и пол години од најавите за изградба на модерното културно – образовно здание во центарот на Тетово, меѓу постоечкиот културен дом „Иљо Антески – Смок“ и поштата [»мапа], на терен не е направено ништо, ниту пак има информации за тоа кога би почнала изградбата на зградата. Ветувањето заглави уште пред стартот на изведбените работи, при што „Градежниот институт Македонија“ на крајот од јули минатата година беше избран да изврши ревизија на целокупната проектна документација на основните проекти за објектот на Националната установа – Театар и библиотека во Тетово.

 

 

 

 

Неопходната постапка за ревизија на проектот веќе е завршена, а за оваа услуга на „Градежниот институт Македонија“ му се исплатени 2.750.000 денари или околу 45.000 евра. Изградбата на новото здание е вметнато како ставка и во буџетот на Министерството за култура за 2013 година, но се уште не е објавен тендерот за избор на градежна компанија, ниту пак е утврден конкретен рок за почеток на реализацијата на новата библиотека и театар. Во согласност со актуелната програма за работа на македонската влада, Тетово би требало да го добие новиот културно – образовен центар најдоцна до 2015 година.

 

 

 

 

Според првичните информации кои беа публикувани пред две и пол години, современиот четирикатен објект на Градската библиотека и театар ќе се простира на површина од 15.000 метри квадратни и за неговата изведба од државниот буџет ќе се инвестираат 15 милиони евра. Покрај театарска сала и соодветен простор за библиотечниот фонд, во рамките на зданието се предвидени кино, училиште за странски јазици, отворен амфитеатар, простории за комерцијални намени и подземен паркинг со капацитет за 221 возило. Идејното решение го изработи студиото „Архинг Груп“, односно архитектите Бесиан Мехмети, Бетим Зеќири, Бекир Адеми и Никола Стрезовски.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект