Локалната самоуправа од Прилеп најавува дека ќе гради стаклена пирамида со висина од 12 метри на плоштадот Александрија. Димензиите на основата ќе бидат 10 х 10 метри, додека вкупната корисна површина на внатрешноста ќе биде 200 метри квадратни. Стаклената пирамида со футуристички дизајн е замислена како челична конструкција со комбинација на стакло. До објектот ќе се пристапува со скали и пристапна рампа од страната на булеварот „Гоце Делчев“.
Модерното здание ќе се користи за повеќе намени, првенствено од културно – уметнички карактер. Во него ќе биде сместена кино сала за 3D проекции и планетариум, а просториите ќе се употребуваат и за литературни средби, поетско – драмски читања и книжевни промоции. Објектот ќе служи и за регистрација на идните брачни парови.
Стаклената пирамида е планирано да се гради во втората половина од 2013 година. Финансиската конструкција на проектот изнесува 1,5 милиони евра, кои ќе се обезбедат од буџетот на општината и од приватни компании преку примена на моделот на јавно – приватно партнерство.