Македонските компании од градежниот сектор повторно се насочуваат кон странските пазари. Иако се уште се работи за мал број на склучени зделки, сепак во текот на минатата година е забележан пораст на договорените градежни работи во странство за дури 111,8% во споредба со 12-те месеци од 2011 година. Според соопштението на Државниот завод за статистика, деловните субјекти од градежништвото склучиле договори во вредност од 5.345.324.000 денари (околу 87 милиони евра), наспроти договорените 2.459.242.000 денари (околу 40 милиони евра) во рамките на 2011 година. Како нови пазари за македонската градежна оператива се јавуваат Босна и Херцеговина, Швајцарија и Србија, додека во Италија и Холандија е зголемен обемот на договорени зделки. Локомотивата на силниот пораст во 2012 година е босанскиот пазар, што е разбирливо поради учеството на скопски „Гранит“ во изградбата на автопатот Бања Лука – Добој, проект тежок 180 милиони евра.
Извор: Државен завод за статистика
Во текот на 2012 година на странските пазари се извршени градежни активности во вредност од 928.124.000 денари што е за 59% помалку во споредба со истиот период од претходната година. Обемот на извршени градежни работи во 2011 година изнесуваше 2.261.640.000 денари. Пораст на реализираните договори на градежната оператива е констатиран кај Италија и Швајцарија, додека најголемо опаѓање има на украинскиот и хрватскиот пазар. Поради глобалната економска криза, намалената конкурентност и ригорозните критериуми за учество на меѓународните тендери, македонските градежни компании неколку години наназад ги губеа традиционалните пазари во странство, на кои тие континуирано работеа неколку децении наназад.