Раководителите на македонските градежни компании сметаат дека економската состојба во четвртото тримесечје од 2012 година е поповолна во однос на идентичниот период од 2011 година, но и понеповолна во однос на третиот квартал од 2012 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, како ограничувачки фактори за подобрување на сегашната градежна активност се сметаат зголемените трошоци за материјали (24,2%), конкуренцијата во сопствениот сектор (13,4%), зголемените финансиски трошоци – камати (13,4%) и немањето побарувачка на пазарот (11,9%). И покрај ваквите индикатори, градежниците мислат дека финансиската состојба на нивните компании е подобрена во однос на третото тримесечје од 2012 година и во споредба со последниот квартал од 2011 година.
Продолжува и трендот на позитивни резултати во сегментот порачки за изведување градежни работи на домашниот и на странските пазари. Градежниците оценуваат дека состојбата на ова поле во последните три месеци од 2012 година е подобрена. Во статистичкиот извештај е забележливо цврстото мислење на менаџерите на деловните субјекти од градежниот сектор во насока на намалување на продажните цени за нивните услуги во претстојниот период. Раководителите констатираат дека квалитетот на механизацијата и на опремата и нивниот број се влошува, додека пак нема промени во однос на мислењето за бројот на вработени во градежниот сектор. Државниот завод за статистика врши сондирање на мислењата на раководителите на градежните компании од земјава на секои три месеци од годината.