Македонските ликовни уметници Ѓорѓи Чулаковски – Ѓото, Златко Глигоров, Ема Петрова – Николовска, Синиша Стефановиќ – Кашавелски и Константин Качев се избрани да го насликаат плафонот во големата сала на Стариот театар во Скопје. Министерството за култура на крајот од јануари склучи договори со секој од уметниците, со што од буџетот на државата ќе се одвојат дополнителни финансиски средства во износ 16.322.217 денари или нешто над 265 илјади евра. Времетраењето на договорот изнесува 60 дена, така што плафонот целосно треба да биде готов до крајот на март, поточно за веќе закажаното свечено отворање на објектот на Светскиот ден на театарот којшто се одбележува на 27 март. Истите уметници претходно го изработија и идејното решение за плафонот во големата сала, но на интернет – страницата на Бирото за јавни набавки не е објавена висината на финансиските средства што се одвоени за оваа намена.
Пред да стартува нивното ангажирање, градежните работници и стручниот тим на австриската компанија „Штрабаг“ работеа на изведбата на декоративниот таван во главната сала. Во претстојниот период треба да се постават столчињата, да се доврши осветлувањето и да се финализираат свечените ложи, на кои ќе биде поставена орнаментика со мотиви од македонското културно наследство. Очекувањата се дека малата сала од идното седиште на највисоката театарска установа во земјава ќе биде прва завршена. Академскиот скулптор Александар Ивановски – Карадаре до крајот на март треба да ја заврши централната скулптурална композиција во зданието, на која ќе бидат претставени основоположниците на националното театарско творештво: Војдан Чернодрински, Ристо Крле, Васил Иљоски, Антон Панов и Јордан Хаџи Константинов – Џинот. За разлика од ентериерното обликување на внатрешноста, надворешната визура на Стариот театар е речиси целосно готова по поставувањето на 45-те скулптури на фасадата од зданието.
Новата зграда на Македонскиот народен театар започна да се гради на почетокот од 2007 година, врз основа на идејното решение на архитектот Јован Стефановски – Жан. Во реализацијата на проектот досега се потрошија преку 28 милиони евра од државниот буџет. Во согласност со проектната документација, објектот се состои од две сали, голема сала со капацитет од 756 седишта и мала сцена со 236 седишта. За изведување на градежните активности на Стариот театар беше задолжена компанијата „Бетон“ од Штип, браварските, столарските, фасадерските и каменорезачките работи ги реализира „Ламоне Мореда“ од Италија, додека за уредување на ентериерот е избрана австриската компанија „Штрабаг АГ“.