Стартуваше изградбата на најавената катна гаража до зградата на поранешна „Нова Македонија“ [»мапа]. Објектот ќе има седум нивоа над земја и едно ниво под земја, со вкупна површина од 8.438 метри квадратни, од кои 1.025 метри квадратни на приземјето и на првиот кат ќе бидат наменети за деловно – трговски содржини. Останатите нивоа се предвидени за паркирање, а капацитетот на гаражата според проектот треба да биде 189 паркинг места. Сите катови ќе бидат поврзани со вертикални комуникации – складишно јадро и два лифта. Ова е втора катна гаража чиј инвеститор е општина Центар, после катната гаража „Судска палата“ која се очекува да биде отворена наскоро.
Изведувач на градежните работи е „Пелагонија АД Гостивар“, а надзорот го врши „Градежен институт Македонија“. Инвестицијата е во висина од 238 милиони денари, односно околу 3,87 милиони евра, средства обезбедени од општинскиот буџет и преку кредит во износ од 3 милиони евра. Рокот за реализација на проектот е 12 месеци.