Претходна статија
ТЕМА: Се појавува заситеност од нови станови на пазарот на недвижности
Следна статија
Се подготвува реконструкција и проширување на дел од булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“

Беровското училиште „Дедо Иљо Малешевски“ се грее со отпадоците од дрвната индустрија

Објавено на 09.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонија е една од ретките земји од Европа која воопшто нема извори на фосилни горива и е силно зависна од увоз на нафта и нафтени производи. Во нашата земја постои ниска свест и мала заинтересираност за преработка и натамошно искористување на отпадоците од индустриските погони во насока на добивање еколошка енергија, а недоволно се размислува и за намалувањето на потрошувачката на електрична енергија и заштедата на финансиски средства на оваа основа. Сепак, со ентузијазам и иницијативност на поединци, надополнета со финансиска помош од странски фонданции можат да се постигнат почетни резултати на ова поле. Еден од позитивните примери за искористување на отпадната биомаса во добивање чиста енергија е основното училиште „Дедо Иљо Малешевски“ од беровското село Двориште. Со поддршка на Глобалниот Еколошки Фонд – Програмата за мали грантови (ГЕФ ПМГ Македонија), ЦНВП подружница Македонија, Националното здружение на сопственици на приватни шуми и општина Берово, во училиштето се спроведува замена на фосилното гориво со дрвен чипс и иверка при производството на топлинска енергија за затоплување на просториите во објектот.

 

 


* извор: Општина Берово

 

 

Со реализацијата на проектот се започна на 1 декември 2011 година, а целокупните активности треба да се завршат до 31 мај годинава. Во функција на промена на енергенсот за добивање топлинска енергија, досега се набавени машина за дробење на дрвната биомаса и производство на дрвен чипс, котел со целокупна придружна опрема, а преадаптирана е и просторија на училиштето во котлара, изградено е складиште за дрвен чипс и обучени се тројца вработени за непречено спроведување на процесот. Постојат неколку благодети од искористувањето на отпадната биомаса во производството на топлинска енергија во беровското училиште. „Во моментов можеме да кажеме дека заштедите на финансиски средства се движат околу 1/3 од истите потребни за затоплување со нафта“, истакнуваат за „Билд“ од Националното здружение на сопственици на приватни шуми од Берово.

 

 

* извор: Општина Берово

 

 

Проектот „Намалување на јаглеродниот диоксид преку замена на фосилно гориво со биомаса“ е во вредност од 67.087 долари. Од ГЕФ ПМГ Македонија напоменуваат дека ова е првиот проект за искористување на отпадната биомаса кој што е поддржан од нивна страна, но и дека во иднина планираат да им помогнат на здруженијата на граѓани, во висина од 50% од финансиските средства неопходни за реализација на вакви зафати. Од Националното здружение на сопственици на приватни шуми велат дека најмалку четири локални самоуправи пројавиле интерес за спроведување на слични проекти по одржаните промоции на регионално ниво.

 

 

Искористувањето на отпадната биомаса ја заштитува животната средина

 

Со успешната реализација на проектот во беровското училиште „Дедо Иљо Малешевски“ на годишно ниво ќе се намали емисијата на јаглероден диоксид за 16,14 тони. Бројките би биле импозантни, ако неколку македонски општини се одлучат да спроведат слична иницијатива и на нивна територија. Вториот начин на заштита на животната средина преку овој проект е преработката на отпадните суровини од индустријата во полезни цели. Од националното здружение објаснуваат дека суровината за добивање на дрвениот чипс за загревање на објектот се зема од отпадот на најголемите локални пилани и од отпадот по сечата на шумите. „Покрај тоа, за наредните години планираме собирање и преработка на отпадно дрво – гранки, ниски класи на огревно дрво и друг вид на дрвена биомаса“, изјавуваат од здружението на граѓани кое што го спроведува овој проект. Со ваквиот начин на загревање на просториите во беровското училиште, целосно е заменета употребата на фосилното гориво како необновлив извор на енергија.