Претходна статија
Забрзано се гради ветропаркот „Богданци“
Следна статија
Државата ќе продава 13 парцели за изградба на бензински пумпи

Ќе се реализира ли сонот за изградба на пат од Тетово до Призрен?

Објавено на 02.02.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Проектот за патно поврзување на Тетово и Призрен речиси 40 години претставува нереализирана идеја на хартија, како еден крак од некогашната замисла на социјалистичките Југославија, Албанија и Романија за изградба на автопат од романското пристаниште Констанца до албанскиот град Драч. После неколкугодишни барања на стопанствениците и граѓаните за остварување на патната врска во должина од околу 30 километри, Агенцијата за државни патишта на крајот на јануари склучи договор со друштвото за градежништво и консалтинг „Чакар Партнерс“ од Скопје за изработка на физибилити студија за патната делница од Тетово до Призрен. Важниот документ, кој треба да се изготви до крајот на јули годинава, треба да даде одговор за исплатливоста на поврзувањето помеѓу овие два града, алтернативните траси за негова реализација и висината на финансиските средства кои се потребни.

 

„Чакар Партнерс“ за извршување на консултантските услуги ќе добие 2.808.400 денари или нешто над 45 илјади евра. Засега нема поконкретни информации за временската рамка во која би се реализирал амбициозниот проект. Косово во неколку наврати пројави интерес за заедничка изградба на планираниот пат, а некогашниот косовски претседател Беџет Пацоли овој проект го објасни како можност за слободно движење на луѓе, стоки, идеи и капитал помеѓу Косово, Македонија и Албанија. Во изминативе четири децении се презедоа бројни иницијативи за изведба на патната врска помеѓу овие два града, а Општина Тетово во соработка со германска компанија пред седум години се обиде да развие проект за изградба на автопат од Тетово до Призрен. Според тогашните пресметки, за целосна реализација на патот би биле потребни околу 40 милиони евра, вклучувајќи ја и изградбата на тунел под Шар Планина во должина од три километри .