Плоштадот Македонија ќе добие спомен – обележје на Мајка Тереза, кое иако е планирано да се наоѓа во самиот центар на Скопје, не се знае како ќе изгледа, ниту пак колкава ќе биде неговата висина. Единствениот официјален опис за новиот споменик е дека ќе биде монументално дело што ќе сведочи за нејзината пожртвуваност. Премиерот Никола Груевски и индискиот милијардер Субрата Рој денеска поставија спомен – плоча, како симбол за почетокот на реализацијата на проектот. Зданието ќе биде изградено по пат на донација од компанијата „Сахара Индија“, која е во сопственост на милијардерот Рој. Градежната маркичка за ова обележје во Деталниот урбанистички план Мал Ринг е поставена на пешачката улица помеѓу хотелот „Мериот“ во изградба и планираниот хотел кој треба да го гради грчкиот бизнисмен Деметрис Кондоминас [»мапа].
Засега нема информации кога ќе започне изведбата на идниот споменик на познатата хуманистка од Скопје. Урбанистичкиот план за централното градско подрачје дозволува изградба на објект со основа од 621 метри квадратни и вкупна површина од 1.863 метри квадратни. Впишаната максимална висина во документот изнесува 32 метри. Сепак скопската телевизија „Алфа“ од неофицијални извори пренесува дека висината нема да надмине 15 метри и дека станува збор фонтана со композиција од елементи на кои ќе бидат претставени делови од животот на хуманистката. Индискиот милијардер Субрата Рој ја обелодени идејата за изградба на ново спомен – обележје на Мајка Тереза во јуни минатата година.