Македонски консултанти ќе одлучат за иднината на езерото „Треска“ и базенот „Сарај“. Градот Скопје ја избра консултантската куќа „КА Групација“ од Скопје за изработка на Физибилити студија за оправданост на договор за воспоставување на јавно – приватно партнерство за реконструкција, управување и одржување на познатиот рекреативен центар на скопјани. Неопходниот документ треба да биде подготвен во временски период од три месеци, по што градската власт ќе се реши што понатаму да прави со руинираниот комплекс. Консултантската куќа за услугата ќе наплати 1.168.200 денари од градскиот буџет. Тие ќе ги советуваат властите за евентуалниот интерес на приватните компании за влегување во бизнисот со стопанисување на езерото. Иако не се објавуваат конкретни рокови, сепак судбината на овој комплекс ќе се знае во текот на оваа година.
Градот Скопје и државата неколку години наназад се обидуваат да најдат решение за езерото „Треска“. Инвестициските модели во минатото се менуваа од изнаоѓање на приватен партнер, преку вложување на градската власт до пренасочување на финансиски средства од државниот буџет за решавање на проблемот. И покрај ваквите ветувања, веќе неколку години водата во рекреативното езеро е забранета за капење, угостителските објекти се напуштени, а пропаѓаат и камп – приколките поставени од жителите на главниот град. Комплексот е изграден на површина од 35 хектари, по принципот на самофинансирање од граѓаните во 1978 година.