Претходна статија
Пешачкиот мост „Око“ ќе биде готов за четири месеци
Следна статија
Нов плоштад во Влае, голем парк во Горно Лисиче

„Струмица – гас“ ги доби лиценците за работа, граѓаните пројавуваат интерес за приклучок

Објавено на 23.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Гасификацијата на Струмица и официјално влезе во легални рамки со доделувањето на двете лиценци за вршење дистрибуција на природен гас и за снабдување на тарифни потрошувачи, кои ги доби Ј.П. „Струмица – гас“. Регулаторната комисија за енергетика ги издаде неопходните лиценци за работа на почетокот од јануари, со рок на важност до јануари 2048 година за делот на дистрибуција на природен гас и јануари 2023 година за дејноста снабдување на потрошувачите. Според информациите од општина Струмица, досега се поднесени повеќе од 200 барања за приклучок на дистрибутивната мрежа од страна на домаќинствата. Цената на приклучок изнесува 700 евра по домаќинство, а во наредниот период се очекува зголемен интерес за природниот гас и од страна на стопанските субјекти.

 

Употребата на природниот гас во Струмица официјално започна во ноември 2012 година. Со проектот на локалната самоуправа досега е изградена гасоводна мрежа во должина од 15 километри, пуштена е во употреба декомпресиската станица со капацитет од 2.500 метри кубни на час и монтирани се 12 мерно – регулаторни станици. Изведбата на гасоводната инфраструктура во Струмица започна во април 2011 година, а целокупниот систем до пристигнувањето на националниот магистрален гасовод до градот ќе функционира преку транспортирање на гасот со цистерни од Бугарија до декомпресиската станица.