На вечерашното вонредно собрание на ААМ (Асоцијација на архитекти на Македонија) присутните акламативно застанаа зад ставовите изнесени во изјавата која ја прочита новата претседателка на асоцијацијата, Даница Павловска, а кои биле подготвени врз основа на реакциите на членовите по повод проектот „Скопје 2014“. Павловска нагласи дека собранието е една од првите нивни активности кои треба да означат транспарентност и отвореност, а целта не е да се напаѓа, туку да се отвори процес на договарање. Таа изрази жалење бидејќи стручната јавност не била доволно информирана и инволвирана, и апелираше за зачестени тематски стручни средби.
Професорот Михаил Токарев, кој беше модератор на дебатата истакна дека „Скопје 2014“ не добил ниту едно позитивно мислење од светските авторитети во архитектурата.
-Архитектурата сега се враќа назад во почетокот на 19-от век кога од страна на академиите на архитектура беа диктирани стиловите за тоа какви ќе бидат државните објекти, училиштата, управните згради. На таков начин се враќаме назад дури и техничките згради како што се катните гаражи да имаат стил, па дури и непостоечки каков што е неоромантизмот – изјави Токарев
На собранието, иако поканети, не присуствуваа претставници на Министерството за транспорт и врски, градоначалниците на Град Скопје и Општина Центар, како и други инволвирани во проектот. Од собирот ќе биде упатено отворено писмо до нарачателот и творците на „Скопје 2014“.