Натамошната изградба на соларни електрани во Македонија може целосно да замре, доколку владата наскоро не преземе итни мерки за зголемување на вкупната предвидена инсталирана моќност за повластените производители на електрична енергија од сонцето. И по изминати четири месеци, проблемот со издавањето привремени решенија за стекнување со статус на повластен производител на електрична енергија од фотонапонски електрани се уште не е решен. Од Регулаторната комисија за енергетика излегоа со ново соопштение во кое се наведува дека досегашните постапки се прекинуваат, а сите барања од компаниите што ќе пристигнуваат во иднина нема да бидат разгледани.
Причината за ваквото решение лежи во надминувањето на пропишаната моќност со досега издадените решенија за фотонапонските електрани, кои се утврдени во Одлуката за вкупната инсталирана моќност на повластените производители на електрична енергија, донесена од страна на македонската влада. Од Регулаторната комисија за енергетика накратко известуваат дека за продолжување на постапките за издавање на привремени решенија навремено ќе ја информираат јавноста, но конкретни датуми не се определени. Компаниите што сакаат да вложат во нови соларни електрани во земјава уште во октомври минатата година реагираа дека инвестирањето во овој сектор може да биде целосно прекинато, доколку не се дејствува брзо од страна на државните власти во насока на зголемување на постоечката моќност.
„Потребно е да се зголеми оваа квота, и според мене, новата квота за инсталирана моќност би требала да изнесува најмалку 10 MW“, истакна тогаш Звонко Марковски од компанијата „Сието“. И покрај огромниот интерес од приватниот сектор, во Македонија досега се изградени или во моментов се изведуваат фотонапонски електрани со моќност од околу 16 мегавати. Нашата земја се наоѓа на самото дно на листата на европски држави, како во однос на инсталираната моќност на соларните панели, така и во однос на уделот што овие енергетски објекти го имаат во националното производство на електрична енергија.