Претходна статија
Објавен тендерот за реконструкција на пругата Ногаевци - Неготино
Следна статија
Повторно е актуелизирана реконструкцијата на градскиот плоштад во Прилеп

Ќе се изработува нова физибилити студија за гасификацијата на земјава

Објавено на 17.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Долгонајавуваната изградба на магистралниот гасовод во земјава се уште не започнала, но државата веќе презема чекори за подготовка на неопходната документација за развој на дистрибутивната гасоводна мрежа, која што треба да се спроведе по реализацијата на главните магистрални правци. Министерството за транспорт и врски денеска објави тендер за прибирање понуди за изработка на физибилити студија за развој на дистрибутивните мрежи за природен гас во Македонија. Од државниот буџет за 2013 година се предвидени 3,9 милиони евра, со намена за пронаоѓање на консултантска куќа која би го подготвила овој стратешки документ. При планирањето на буџетските средства за тековната година, од надлежното министерство истакнаа дека досега не била изработена ниту една физибилити студија за дистрибутивната мрежа на природен гас во земјава.

 

Заинтересираните треба да ги достават своите понуди најдоцна до 4 март, за кога е предвидено и отворањето на истите. Во распишаниот тендер се нагласува дека најповолниот понудувач треба да има направено најмалку пет студии за гасификација во последните пет години и да има искуство во проектирањето гасни инсталации на најмалку 10 проекти во периодот од 2008 година до денес. Победничката консултантска куќа ќе добие временски рок од осум месеци за да го изработи важниот документ. Ако постапката се одвива со предвидената динамика, тогаш физибилити студијата за развој на дистрибутивната гасоводна мрежа во земјава ќе биде готова кон крајот на оваа или пак на почетокот од 2014 година.