Иако е дел од железничкиот Коридор 10 и по неа секојдневно минуваат десетици патнички и товарни возови, пругата помеѓу Ногаевци и Неготино последен пат целосно е ремонтирана во далечната 1967 година. Сепак, со добиените средства од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) наскоро ќе започне реконструкцијата на оваа делница во должина од 31 километар. Македонски железници – Инфраструктура денеска го објави меѓународниот тендер за избор на градежна компанија што треба да ги изведе градежните активности на терен. Ако постапката се одвива според зацртаната динамика, тогаш до крајот на 2014 година на оваа железничка делница повторно ќе биде воспоставена максималната брзина на движење на возовите од 120 километри на час.
„Ремонтот ќе се состои од комплетна замена на дотраените дрвени прагови со армирано – бетонски прагови, комплетна замена на шините со нови, прочистување на стариот и надополнување со нов толчаник. Постоечките шест патни премини во ниво ќе бидат изработени со горен слој од рециклирана гума и нов асфалтен приод од 20 метри од двете страни“, се наведува во соопштението од МЖ – Инфраструктура. Проектот предвидува и реконструкција на пероните на шест стојалишта со вградување на нови армирано – бетонски елементи. Додека траат подготовките за санација на оваа делница, австрискиот конзорциум „Вибе и Алпине“ активно работи на ремонтот на двете делници Куманово – Табановце и Миравци – Смоквица, во вкупна должина од 24,1 километри. ЕБОР во 2010 година обезбеди поволен кредит во висина од 17,6 милиони евра, со намена за реконструкција на македонските пруги од Коридорот 10 во должина од 55 километри.