Македонскиот премиер Никола Груевски донесе одлука со која ја овластува министерката за култура Елизабета Канческа Милевска да склучи договор со фирмата на индискиот милијардер Субрата Рој за изградба на објект во чест на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“ [»мапа]. Договорот треба да се потпише во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука. Идното огромно здание во строгиот центар на Скопје ќе биде во сопственост на државата. Иако првично беше најавен споменик, сепак хуманистката Мајка Тереза ќе добие втор објект во нејзин спомен на местото на сегашниот пешачки коридор, помеѓу хотелот „Мериот“ кој во моментов се гради и идниот хотел што треба да го гради грчкиот бизнисмен Деметрис Кондоминас.
Актуелната парцела со површина од 621 метри квадратни, на која треба да се реализира ова здание, подолго време претставува енигма за експертската јавност. Наместо како споменик, во ДУП „Мал Ринг“ таа е означена како објект со висина од 32 метри, но притоа за истата не е наведена катност, што укажува на фактот дека најверојатно ќе се изведе друго специфично обележје на најпознатата личност со потекло од Скопје. На прашањето од телевизијата „Алфа“ до општина Центар за тоа дали е земен во предвид протокот на пешаци кон централниот плоштад и погледот кон новите неокласицистички фасади од „Скопје 2014“, од локалната власт со одговор: „се работи за планерски концепт… Не се затвара фасадниот изглед и не се нарушува репрезентативноста на објектите во непосредна близина“. Индискиот милијардер Субрата Рој во јуни минатата година ја обелодени својата намера да изгради огромно спомен обележје на Мајка Тереза во центарот на Скопје.