Претходна статија
Аеродромите со 8,7% пораст на бројот на патници во 2012 година
Следна статија
Општина Аеродром во потрага по архитектонско решение за егзотичниот зелен парк

ЕЛЕМ ќе инвестира во нови енергетски проекти во 2013 година

Објавено на 11.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Неколку крупни енергетски зафати во вредност од преку 200 милиони евра ќе се завршат или пак ќе бидат започнати со реализација во земјава во текот на наредните 12 месеци. Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) ги објави проектите на кои ќе работи во 2013 година. Најголем предизвик е модернизацијата на котлите во битолската термоелектрана, во вредност од 88,5 милиони евра. Со успешното спроведување на зафатот ќе се овозможи зголемување на ефикасноста на овој производствен капацитет и продолжување на експлоатацискиот век на термоелектраната за 120.000 работни часови. Државната компанија ќе се насочи и кон остварување на крупниот проект за вклучување на РЕК „Битола“ во производството на топлинска енергија за жителите на Битола, Могила и Новаци, за чија реализација е предвидено да се издвојат финансиски средства во висина од 40 милиони евра.

 

ХЕ Света ПеткаОд ЕЛЕМ соопштуваат дека во претстојните месеци треба да продолжи изградбата на ветерниот парк во Богданци, во кој ќе се вложат вкупно 55 милиони евра. Во насока на модернизирање и зголемување на капацитетот за производство на електрична енергија од постоечките објекти, планирано е да се вложи во ревитализација на шест хидроелектрани во вредност од 27,9 милиони евра. Покрај инвестирањето во овие крупни проекти за македонскиот енергетски систем, од компанијата нагласуваат дека ќе се работи и на подготвителни активности за изградба на нови капацитети. ЕЛЕМ во рамките на минатата година успеа да ја заврши изградбата на хидроелектраната „Света Петка“, модернизацијата и автоматизацијата на агрегатите во битолската термоелектрана и да го изведе магистралниот топловод за населбата Автокоманда, при што во сите овие проекти се вложени 132,6 милиони евра.