Централното градско подрачје на Скопје ќе добие стилизирани сендвичарници со антички столбови кои ќе соодветствуваат на новите градби од проектот „Скопје 2014“. Министерството за транспорт и врски во денешното соопштение до медиумите објаснува дека се понудени на електронско јавно наддавање шест локации со површина од осум метри квадратни, на кои заинтересираните стопанственици ќе можат да подигнат објекти според одбраното идејно решение. Сендвичарниците со висина од пет метри ќе бидат лоцирани кај „Порта Македонија“, на улицата „Македонија“, во паркот „Жена борец“ и кај зградата „Тифани“. Почетната цена на лицитацијата изнесува 6.000 денари за метар квадратен, а рокот за доставување на понудите истекува на 13 февруари. Идните сопственици на киосците за продавање сендвичи ќе бидат познати на 20 февруари. Сите фирми што сакаат да учествуваат на наддавањето се должни да достават банкарска гаранција во износ од 30.000 евра како доказ за сериозност на понудата.
Дополнителна новост за центарот на Скопје, предмет на денешното соопштение од Министерството, претставува пренамената на планираната подземна гаража зад македонското Собрание во катна гаража со компатибилни класи на намена. Градежната парцела со големина од 2.455 метри квадратни им се нуди на инвеститорите, кои на атрактивната локација можат да подигнат објект со максимална висина од девет метри. Од министерството ја имаат утврдено почетната цена на 1.850 денари за метар квадратен. Пријавите за учество на наддавањето треба да се достават најдоцна до 13 февруари, заедно со банкарска гаранција во износ од 50.000 евра како доказ за сериозноста на понудата. Чинот на доделување на локацијата ќе се изврши на 20 февруари.