Локалната самоуправа од Ѓорче Петров успешно го спроведе проектот за реконструкција на 16 улици во урбаниот дел од општината, со вкупна должина од 7.357 метри. Со денешното свечено пуштање во употреба на улицата „Социјалистичка зора“, заврши реализацијата на проектот во вредност од 1,2 милиони евра, обезбедени од кредитот на Светската банка за подршка на општинските услуги. Покрај промената на стариот асфалт, изведбените активности вклучија и проширување на атмосферската канализациона мрежа, изградба и санација на тротоарите, како и поставување на улично осветлување.
Дел од улиците кои добија нов изглед се: „Моцартова“, „Кичевска“, „Панајот Гиновски“, „Борис Бојаџиски“, „Ангел Винички“ и „Јосип Даскалов“. Изведбените активности за санација на сервисните улици во општина Ѓорче Петров траеја една година, а истите започнаа по потпишувањето на договорот за доделување на финансиските средства во ноември 2011 година.